Националната опера и балет со гала оперски концерт на „Охридско лето“
Националната опера и балет на Република Северна Македонија вечерва, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, ќе одржи гала оперски концерт. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Националната опера и балет постои 72 години. Основана е во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар, во кој до 2004 година делуваа сите три ансамбли: драма, опера и балет. Со одлука на Владата на Република Македонија, во 2004 година официјално е регистрирана како самостојна Национална установа под името „Македонска опера и балет“, а минатата година беше преименувана во Национална установа „Национална опера и балет“, со седиште во Скопје.
Своите почетоци ги започна со тогашниот расположив професионален кадар, дополнет преку аудиции со членови на аматерски оркестарски и хорски ансамбли. Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ започнува и подемот на операта. Се пополнуваат оркестарот, хорот и солистичката екипа и започнува разновидна репертоарска политика со таканаречениот „железен репертоар“.
Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можноста за негово претставување и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), како и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и други.
Растот и развојот на Националната опера и балет придонесоа за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што беше поттик во 1972 година да се основа фестивалот „Мајски оперски вечери“. Овој фестивал е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава се одржа по 47-ми пат, што е навистина респектабилна бројка. На фестивалот, но и на редовниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.
На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на нашата опера и балет. Воодносно, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 година е токму солистичкиот концерт на нашата примадона Ана Липша-Тофовиќ – мецосопран. Тој податок зборува доволно за посветеноста и почитта што ансамблите на „Националната опера и балет“ ги уживаат на фестивалот „Охридско лето“.

