Сите новости

Мицко Дамјановски е нов уметнички раководител на Операта во Националната опера и балет

Мицко Дамјановски е новиот уметнички раководител на Операта во Националната опера и балет.

Дамјановски ја наследува диригентката Бисера Чадловска, која ја вршеше функцијата уметнички раководител од септември 2017 до 2021 година.

Мицко Дамјановски дипломирал на Факултетот за музичка уметност, оддел за туба, во 2002 година, а магистрирал во 2006 година на Кралскиот музички конзерваториум во Брисел, Белгија, исто така на одделот за туба. Пред неговото вработување во оркестарот на Националната опера и балет во 2007 година, тој кратко работел со Бриселската филхармонија.

Тој е постојан член на меѓународниот оркестар за снимање филмска музика FAMES, соработник на сите поголеми и помали оркестри формирани за посебни намени (Биг бенд, Дувачки оркестар, Градски оркестар и други), како и гостин-тубист во Нишкиот симфониски оркестар, Националната опера во Тирана и Црногорскиот симфониски оркестар. Исто така, тој е основач на „BRASSTET SKOPJE“, формиран во 2019 година, со настапи на фестивалот „Охридско лето“ и други фестивали низ земјава.