Работна посета со претставници од канцеларијата на ЏАЈКА за Балканот
Во рамките на билатералната соработка меѓу нашата земја и Јапонија, во НУ Национална опера и балет се одржа работна посета со претставници од регионалната канцеларија на ЏАЈКА (Јапонска агенција за меѓународна соработка) за Балканот.
Главниот фокус на оваа посета беше увид во имплементацијата на грант-помошта од Јапонија, наменета за целосно подобрување и техничка модернизација на музичките инструменти, тонската опрема и сценското осветлување во Националната опера и балет.
За време на состанокот, управните тимови разговараа за досега постигнатите резултати, високите стандарди што се поставуваат на сцената и следните чекори кон финализирање на овој капитален проект за институцијата.
Претставниците од ЏАЈКА ја истакнаа својата посветеност кон поддршката на културните институции и изразија задоволство од професионалниот пристап и динамиката со која се реализираат сите фази од грантот.

