Рецензија: „Големиот Чајковски“ – Гала балетски концерт за 61-то „Охридско лето“
Има ли сѐ уште потреба современиот човек од класичната уметност поставена во нејзиниот изворен облик? Во морето од бројни бизарни искушенија и нови форми на себеизразување преку медиумите, социјалните мрежи, но и борбата со невидливиот непријател опасен по животот, дали класичната уметност е сѐ уште оној предивен предах од сѐ што нѐ демне? Имаме ли капацитет да ја спознаеме класичната уметност? Не некако природно, овие прашања се наметнуваат пред самиот почеток на новото шеесет и прво издание на „Охридско лето“ и концертот посветен на класичниот балет и романтичната музика на Чајковски, со кој се чинодејствуваше свеченото отворање на фестивалот.
Изминативе шеесет години, „Охридско лето“ постојано трага по нови уметнички достигнувања, нови креативни соѕвездија кои ќе го сочуваат местото на фестивалот како најпрестижна музичко-сценска манифестација во нашата земја и како препознатлив уметнички симбол на Охрид и Македонија во светот. Вкусот и естетиката се менуваат, но потребата од убавото останува константа кај секоја нова генерација. Новите идеи и форми кои го пренесуваат уметничкиот импулс секогаш водат кон напредок во животот и во уметноста и тие ја рефлектираат постојаната жед на уметниците да создаваат автентични и уникатни дела. А сепак… класичната уметност сѐ уште го привлекува вниманието на милиони луѓе и посебно во овој „тежок момент“ во кој се наоѓаме, таа ни дава надеж… Човечки часови и часови поминати во вежбање — виолина, харфа, виолончело или балетски патики, сеедно — раѓаат вредна духовна креација која поддеднакво допира и не го остава рамнодушен како оној кој ја создава, така и оној кој ужива во неа. Тоа е надежта која ти ја дава класичната уметност…
Во инспиративните говори пред концертот, Олга Панго во името на уметниците, министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот Стево Пендаровски нѐ потсетија на суштинската потреба на уметниците за сценски израз, потребата од убавото како излез од сите неволји и за она на што постојано треба да се потсетуваме… благодатта што Охрид толку дарежливо ни ја дава и која треба да ја чуваме како најскапоцен дар. Зашто Охрид не е само историја, духовност, архитектура и природна реткост, Охрид веќе шеесет лета е музика, танц, драма, „Охридско лето“ ги преплетува уметничките инспирации на бројни уметници во енергијата на градот и со тоа го прави уште попосебен.. уникатен…
Со толку силна инспирација, ентузијазам и желба за повторна средба со публиката и сцената, целиот уметнички тим на Националната опера и балет пристапи кон проектот „Големиот Чајковски“, продолжувајќи ја така традиционално успешната врска со фестивалот „Охридско лето“. Се сеќаваме на „Кармина Бурана“ од пред точно триесет години, „Македонска приказна“ од деведесеттите, „Леди Макбет“, „Ја, Исидора“, „Танго фрагменти“, „14 часа“ во новиот милениум, па сѐ до минатогодишниот „Болеро“ под маски…
Овој пат, идејата да се претстави Чајковски во еден тежок момент, кога човештвото се обидува да се извлече од предизвикот што ни го донесоа изминатата 2020 и оваа година, и со таков ентузијазам да се постават над 90 наши домашни уметници на сцената изгледа неизбежно… и тоа го доживуваме како крик и копнеж уметноста да триумфира над искушението. Зашто токму тој Чајковски, како еден од најголемите композитори што ги дала руската музичка историја, во својот творечки лик ја обединува длабоката поврзаност со родната земја, сепак дозволувајќи влијание од западноевропската култура, универзалните животни вредности и она што посебно ја одбележува неговата балетска музика – одраз на интимна и емотивна сензибилност. Балетите на Чајковски „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“ нѐ враќаат во еден фантастичен бајковит и исчезнат свет, и навистина, треба да имате доволно добри емоции за да можете да ѝ се препуштите. Сепак, танцот, повеќе од сите уметности, ја симболизира радоста на живеењето и затоа веруваме дека „Големиот Чајковски“ ќе ни ја врати токму неа — радоста и оптимизмот.
Со оправдана воздржаност од влегување во детален увид на вештината на балетскиот танц, препуштајќи им го тоа на балетските критичари, ќе го забележиме тој дел од изведбата со око на вљубеник во танцовата уметност. Во софистицирана и динамична низа од свечената „Полонеза“ од третиот чин на операта „Евгениј Онегин“ во кореографија на Саша Евтимова, сосема соодветна за најава на свечениот настан, „Антрето“ од вториот чин на „Лебедово езеро“, темпераментните неаполски и руски игри, „Валцерот на цвеќињата“ од „Оревокршачка“ како ансамблски нумери, а посебно солистичките настапи на Ивана Коцевска и Балаж Лочеи како Одета и принцот Зигфрид во „Белиот лебед“, Марија Кичевска Шокаровска и Васил Чичијашвили во „Спанската игра“, Ангела Велевска и Ендру Кук во „Сината птица“ од „Заспаната убавица“, Мими Поп-Алексова и Бобан Ковачевски во „Ана Каренина“… во класичните кореографии на Петипа, Вајнонен и Јуременко, колажот од балетски фрагменти создаде заокружена и автентична музичка приказна, потврдувајќи дека балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет во специфичниот и во многу аспекти неповолен момент за дејствување на уметниците е на високо ниво на квалитетна уметничка изведба, која патем ги разгалува сетилата и на најпробирливите. Беспрекорната костимографија, која целосно го заокружува визуелниот впечаток, неизбежно придонесува за комплетната оформеност на изведбата.
Неизбежно, како посебно импресивна ќе ја забележиме сугестивната и темпераментна изведба на диригентката Бисера Чадловска, под чија цврста палка целата изведба ја добива потребната форма и динамички израз, како и ѕвездата на вечерта, концерт-мајсторот на оркестарот Климент Тодоровски, кој со својата виолина ѝ ја даде потребната божественост на звукот во „Белиот лебед“.
Пренесувајќи во овие редови еден впечаток од часот на Олка Панго со Ивана Коцевска и Балаж Лочеи за време на создавањето и подготовката на „Белиот лебед“ неодамна во Скопје… во балетската сала… на речиси 40 степени, а потоа гледајќи ја таа креација пренесена во прекрасниот амбиент на Античкиот театар, со бисерниот одсјај на Охридското Езеро во позадина како природна сценографија, само ќе посакаме оваа ода и будење на заспаната уметност што го одбележа „Големиот Чајковски“, со ненамален жар да продолжи во сите фестивалски денови што се пред нас на „Охридско лето“. Чувствувајќи го импулсот на уметниците „во воздухот“ во Охрид, веруваме дека ќе биде така.





