Сите новости

Театарските уметници од Србија, Северна Македонија и Албанија станаа дел од „Отворен Балкан“

Претставниците на националните театри од Србија, Северна Македонија и Албанија денеска во Владата на Србија потпишаа протокол за соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, јавија белградските медиуми.

Договорот, кој беше инициран на неодамнешниот форум „Отворен Балкан“ во Охрид, го потпишаа в.д. директорот на Националниот театар во Белград, Светислав Буле Гонциќ, директорот на Националната опера и балет од Скопје, Васо Ристов, и Абигеила Воштина од Националниот театар за опера и балет од Тирана. Дополнително, договорот ќе го потпише и претставничката на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска.

„Во Охрид ја претставивме идејата за потенцијална заедничка соработка на културно ниво, преку размена меѓу Тирана, Скопје и Белград, при што дојдовме до концептот за основање на театарски фестивал „Отворен Балкан“. Ова ќе опфати размена на искуства, едукатори, уметници и представи“, истакна Гонциќ по потпишувањето.

Тој додаде: „Документот е потпишан по разговорите во Белград каде претставниците на националните институции се согласија, ги усогласија ставовите и го трасираа основниот пат за еден таков фестивал.“

„Фестивалот се роди од идејата дека треба да ја отвориме вратата кон иднината, особено за младите луѓе, и да започнеме нов концепт и свет. Посветивме многу време во разговори на оваа тема, а официјалното потпишување на договорот формално означува еден нов почеток“, рече Гонциќ.

„Изразувајќи надеж дека фестивалот „ќе има позитивно влијание и врз публиката и врз самите творци“, Гонциќ нагласи дека во наредните месеци ќе се вршат подготовки за практична имплементација на договорот. „Мило ми е што досега имавме одлична соработка како три земји, но Театарот Отворен Балкан е можност уште повеќе да се зближиме, да соработуваме и взаемно да се поддржуваме како институции“, изјави Васо Ристов, директор на Националната опера и балет на Северна Македонија.“