Сите новости

Впечатлива, квалитетна и возбудлива сезона во Националната опера и балет

На 26 јуни, со „Гала балетскиот концерт“ во рамките на фестивалот „Скопско лето“, заврши една драгоцена, успешна и содржајна сезона во Националната опера и балет. Со оддавање почит кон јубилејот на „Скопско лето“ и неговиот огромен придонес за публиката низ годините, гала-концертот претстави виртуозен калеидоскоп од извадоци од познати балетски класици — ставајќи ги во фокус првенците, солистите, ансамблот и оркестарот на институцијата под извонреден уметнички концепт.

Оваа сезона во Националната опера и балет (НОБ) се издвои забележително над претходните сезони, кои традиционално секоја година нудат импресивна и квалитетна програма. Од фолклорно-класичната „Симбиоза“, традиционалниот Василичарски гала-концерт и Оскаровскиот концерт, преку преполните сали за згуснатите изведби од „железниот репертоар“ на Пучини, Чајковски и други, па сѐ до спектакуларното 52. издание на „Мајските оперски вечери“.

По покана на тогашниот генерален директор м-р Васо Ристов и уметничкиот раководител (сега в.д. директор) Орце Ицковски, ја имав честа да го отворам ова особено привлечно издание на Мајските оперски вечери. Како долгогодишен првенец-солист и поранешен уметнички раководител на операта, срдечно му честитам на тимот за високиот уметнички стандард на фестивалот, на кој настапија светски таленти рамо до рамо со нашите домашни уметници од Америка до Кина.

Стратегијата на директорот Ицковски за поставување на овој фестивал на глобалната мапа на актуелни културни случувања се покажа целосно успешна, за што сведочат бројните рецензии и покани од меѓународни диригенти по завршувањето на фестивалот. Меѓу истакнатите диригенти беа Енрико Довико (чест диригент во Виена, Прага, Рим), Паоло Бресан (Берлин/Далас Опера), Најер Наги (Каирска опера) и младиот Нимрод Давид Пфефер од Метрополитен операта во Њујорк.

На фестивалот исто така гостуваа солисти од Германија, Канада и Националната опера на Кина со солистот Ли Шуанг. Посебен акцент беше гостувањето на Софиската опера со Вагнеровата „Валкира“, со што за првпат македонската публика можеше да ужива во музиката на Вагнер изведена во живо од ансамблот на Софиската опера. Покрај тоа, Музичкиот камерен театар од Љубљана ја претстави современата акапела камерна опера „Свадба“.

Според официјалните статистички податоци на институцијата, 52. Мајски оперски вечери станаа најпосетеното фестивалско издание досега со рекордна продажба на билети, преполни сали на сите претстави и огромен интерес низ целата земја и регионот. Честитки до Националната опера и балет за навистина возбудливата сезона!